Македонија
31. March 2017 - 10:02

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ молчи за прифаќањето на платформата, граѓаните изиграни

ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение наведува дека СДСМ упорно молчи и се крие за, како што посочува, прифаќањето на тиранската платформа, и оти граѓаните се чувствуваат изиграни и загрозени, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донеле двојазичност и федерализација.

- Тиранската платформа се прочита на говорницата во Собранието на Република Македонија. Таа се состои од неуставни елементи, со чие реализирање ќе дојде до редефинирање на Република Македонија, стои во соопштението, во кое додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ јавно ја отрфли тиранската платформа и го потврди својот став дека нема да формира влада по секоја цена.

Според ВМРО-ДПМНЕ, патоказот кој го понудиле е добра основа за постигнување консензус околу излез од кризата. - Убедени сме, истакнуваат, дека со чесен пристап, откако ќе одговориме на отворените дилеми, ќе го имаме и одговорот во која насока треба да го бараме излезот од сегашната ситуација.

Во соопштението наведуваат пет точки меѓу кои усогласување околу праксата за коалицирање победник со победник, што, според ВМРО-ДПМНЕ е фактор на дополнителна стабилност во држаата дали како таква треба да опасоти или се отфрла сега и во иднина. -  Доколку се отфрла тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор, стои во соопштението и се додава дека ова е неопходен предуслов со цел да се одбегнат двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции, обичаи зависно од изборните резултати. На долг рок усогласувањето околу овој принцип и неговото важење или отфрлање ќе донесе поголема предвидливост на политичката сцена, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата прашуваат дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди  за државата.

- Дали при конституирање на Собранието, сегашното но и во секој иден состав позицијата претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следело на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување, дали се сите политички актери согласни со задржувањето на мултикултурниот модел македонското општество со подеднаква промоција на сите заедници или се поддржува промена на овој модел во двонационален, на сметка на повеќето не мнозински заедници и дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и европските реформи за евро интеграции како обединителна сила за сите граѓани, или пак сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, како што наведуваат, има изградено позиции по овие прашања кои што се водат од заедничкиот интерес на државата и на сите нејзини граѓани без оглед на нивната етничка или политичка припадност.

- ВМРО-ДПМНЕ ја разбира загриженоста на граѓаните кои секој ден излегуваат на улици да изразат револт. Ја разбира и причината зошто вчера околу двесте илјади луѓе се собраа и излегоа низ улиците на градовите во Република Македонија. Граѓаните се чувствуваат изиграни и загрозени, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донесе двојазичност и федерализација, наведуваат во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека заради тоа народот е на нозе и Македонија се буди.