Балкан
30. August 2020 - 19:35

Во Албанија 101 новозаразени, 119 оздравени и пет починати лица од Ковид-19

Во последното деноноќие, во Албанија повторно троцифрена бројка на новозараени со Ковид-19, висока бројка на оздравени, како и пет починати пациенти, јави дописничката на МИА од Тирана.

-Споредено со вчера кога за првпат овој месец имавме двоцифрена бројка на новозаразени во едно деноноќие, во изминатите 24 часа регистрирани се 101 нов случај со Ковид-19. Половина од новозаразените или 51 се во Тирана, 10 во Лежа, додека во Драч, кој беше второ жариште на болеста, регистрани се само три случаи, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.

Во исто време се зголемува и бројот на оздравени. Така, во последното деноноќе во списокот на оздравени впишани се 119 или 5.139 од вкупно заразените 9.380 лица. Во изминатите неколку дена бројот на оздравени е повисок од оној на новозарани, а рекордна бројка на оздравени беше регистрана завчера, односно 132 лица.

Во последното деноноќие починале пет пациенти или 280 до сега, што е речиси костантна дневна бројка во овој месец.

Активни на болеста се 3.961, од нив 178 се хоспитализирани во двете Ковид болници, при тоа 25 се во тешка здравствена состојба.