Бизнис
20. September 2019 - 19:11

Во Берово означен стартот на работите за рехабилитација на локалната патна инфраструктура

Во Берово денеска беше означен стартот на работите за рехабилитацијата на локалната патна инфраструктура за поврзување на повеќе села од општината до регионалниот пат, во вкупна должина од седум километри. Вредноста на овој проект како што истакна премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на стартот на градежните работи е околу 15 милиони и 600 илјади денари, од кои 13,3 милиони се обезбедени преку програмата за рурален развој од Владата на РСМ, а остатокот се буџетски средства на општина Берово.

-Реализацијата на овие и другите проекти од оваа програма ќе придонесе за севкупен развој на инфраструктурата во Република Северна Македонија. Со ефикасното искористување на овие мерки, ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктура во руралните средини. Реализацијата на проектите ќе обезбеди солидна урбана и транспортна инфраструктура, но и надвор од руралните населени места, со единствена цел, подобрување на условите на граѓаните и позитивно влијание на развојот на економските активности, рече Заев.

Дури 80 општини во нашата земја, како што додаде, имаат поднесено над 200 капитални проекти за три мерки од програмата за рурален развој.

-Овие проекти доволно ја илустрираат вредноста и неопходноста за развој на општините што ќе произлезе од капиталните инвестиции во изградба и реконструкција на локални патишта потребни за поврзување на населени места, изградба и реконструкција на пазар, партерно уредување, плоштади, домови, мостови, водоснабдителни системи и мрежи, како и за инвестиции за развој на одредени туристички точки кои што може да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи, додаде Заев.

Посочи дека мерките се подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, обнова и развој на селата и зачувување и унапредување на традионалните вредности во руралните подрачја. За реализација на овие мерки оваа Влада обезбеди 38 милиони евра, а досега се потпишани 19 договори, меѓу кои е и овој договор. Останатите се во фаза на потпишување после што ќе следуваат тендерските постапки.

Премиерот додаде дека Владата на РСМ со оваа програма како и со повеќе други мерки и активности останува посветена на поддршката на развој и подигање на капацитетите на единиците на локалната самоуправа, со тоа што во месец ноември како што информираше ќе се распишат и постапките за изградба на локалните патишта.

-Некаде во ноември ќе се распишат и постапките за изградбата на локалните патишта за кои обезбедуваме 70 милиони евра средства од Светска банки и некаде од 100 милиони дополнителни за водоводи и канализации на територијата на цела земја, дополни премиерот.

Изрази надеж дека општина Берово ќе го врати брзо сјајот на  една модерна и просперитетна туристичка општина во нашата Источна Македонија.

На настанот присуствуваа и Министерот за земјоделство Трајан Димковски, како и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Николче Бабовски кои истакнаа дека преку програмата за рурален развој во наредните две години ќе се инвестираат 38 милиони евра, се со цел младите да се задржат во родните огништа.

-Да напоменеме дека целата програма во која учествуваат 80 општини е 38 милиони евра кои ќе се инвестираат во наредните две години, а целта е да се подобри условот за живот во руралните средини.Секако во развојот на руралната средина е и оној алтернативен туризам кој што допрва треба да се вложуваат од страна на Владата, а секако во овој дел се можностите за искористувањето на европските фондови, истакна Министерот за земјоделство Трајан Димковски.

-Средствата од оваа програма за рурален развој сведочи дека се инвестира во руралните средини и секогаш при одобрувањето на овие проекти се внимаваше на рамномерниот регионален развој од цела држава, а се една цел, младите да останат на родните огништа, тука да основаат свои фамилии и да започнуваат свои бизниси, истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Николче Бабовски.

Беровскиот градоначалник изрази задоволство што по пауза од 23 години патот се реконструира.

-Патот е изграден 1996 година и сега за прв пат се реконструира после неговата изградба. Тоа за нас како општина која има низок фискален капацитет, значи многу како поддршка од Владата на РСМ, за такви проекти кои овозможуваат подобрување на локалната инфраструктура, овозможување полесен пристап на земјоделците до нивните имоти, како и развој на локалната економија, рече Пекевски.

Освен за овој, Општина Берово има конкурирано со уште два проекти од оваа програма и сите три се одобрени.