Македонија
19. February 2016 - 12:56

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Националната установа универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола со пригодна манифестација го одбележа претстојниот 21 февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик, прогласен од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

Како што е познато, во 2000 година, 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам и според статистичките податоци, во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови на светот, потсетија од НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола.

Фатма Бајрам Аземовска од НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е под мотото „Година на книгата, книга за секое дете“.

- Во библиотеката поставивме тематска изложба на книги на македонски, турски, албански, ромски, српски, хрватски, бошњачки јазик и други јазици. Годинава го промовираме и проектот „Година на книгата, книга за секое дете“, кој има за цел масовно бесплатно зачленување на децата кои посетуваат предучилишни установи и центри за ран детски развој, поголема популаризација и промоција на читањето книги кои се достапни за сите деца со цел правилен интелектуален развој и полесно поаѓање во прво одделение, рече Аземовска. 

Во првата фаза од проектот „Година на книгата, книга за секое дете“ ќе бидат вклучени дечиња од градинките „Естреја Овадија Мара“ и „Мајски цвет“ – Битола.