Македонија
29. March 2020 - 16:37

Во Битола затворена болницата ,,Плодност‘‘, откако доктор е позитивен на корона вирус

Болницата „Плодност“ ќе биде затворена наредните 14 дена, сите ќе бидат пратени на самоизолација, а потоа ќе се прави нова евалуација, истакна денеска министерот Филипче откако во текот на вчерашниот ден лекарот вработен во оваа болница се обрати до јавноста.

Д-р Христијан Трпчевски е во одлична здравствена состојба, информираше денеска директорот на болницата „Плодност“ во Битола, д-р Таше Трпчевски кој е татко на докторот заболен од Ковид 19 потенцирајќи дека и самиот се наоѓа во самоизолација. Заболениот лекар во изминатиот период не го напуштил градот, а се претпоставува дека вирусот е добиен од пациент, иако болницата од првиот ден на алармирањето за коронавирусот ја зголеми хигиенската заштита, вели Трпчевски.

 - По увидот на терен и по сите процедури, болницата има дозвола да продолжи со работа. Ние имаме и втор, резервен тим на доктори и медицински сестри, кои веднаш би можеле да ја заменат првата постава на медицинските лица. Но сепак, во името на разумот, на одговорноста која ја носиме и пред се поради здравјето на сите нас, нашите вработени, нашите пациенти, одлучивме болницата да биде затворена и воопшто да не работи до 13 април. Дотогаш, сите во самоизолација ќе поминат период од 15 дека, а во болницата ќе биде направено ново дезинфицирање, изјави Д-Р Таше Трпчевски Плодност Битола.

Според него, ова е  само уште една потврда дека докторите, кои се во служба на своите пациенти, во овој период се едни од најизложените на корона вирусот. Инаку после добиените симптоми, првиот тест беше негативен, додека вториот, после негово барање за уште едно тестирање  испаднал позитивен.

Од Центарот за јавно здравје Битола велат дека во текот на вчерашниот ден биле обработени првите контакти, семејството и околу 40 вработени во болницата наведени од докторот.

Во моментот има неколку пациентки во болницата кои би останале таму до понеделник, најдоцна до вторник, а потоа и тие ке одат дома во домашна изолација и под здравствен надзор. Од Центарот информираат дека во текот на вчерашниот ден беа земени 7 брисеви од семејството и најблиските соработници на докторот, а состојбата редовно се следи од страна на епидемиолозите

Инаку во текот на изминатите два дена на социјалните мрежи имаше бурни реакции за сместувањето на лица во државен карантин во хотел на Широк Сокак. Имаше лица кои денеска им носеа јадење и други работи на оние кои се смесени внатре. Секоја соба и кат внатре се контролирани од полицијата. Доцна синоќа пристигнаа и лица во хотелот Молика на Пелистер кои таму ќе поминат 14 дена во државен карантин. Според информациите од СВР Битола, на ниво на сектор извршени се 74 контроли на лица кои се во државен карантин. Денеска пак околу 14 часот, два часа пред да започне полицискиот час, на Широк Сокак беше раздвижено.