Свет
3. April 2017 - 18:00

Во Германија расте поддршката за членство во ЕУ

Истражувањето нарачано од германскиот весник „Ханделсблат“ покажува дека се зголемува процентот на Германци кои што се за останување во Европската Унија.

И покрај Брегзит и зголемениот рејтинг на крајната десница во Германија, Франција и Холандија истражувањето на агенцијата „ЈуГов“ покажува дека во Германија дури 62 отсто од населението е за останување на земјата во ЕУ, јавува дописникот на МИА од Берлин. Само 21 процент од граѓаните се за излегување од унијата.

На последната анкета на истата тема спроведена во јануари 60 отсто Германци биле, а  26 проценти против членство во ЕУ.

Слична е ситуацијата и со Франција каде 51 отсто од анкетираните се за останување во ЕУ додека 31 процент сакаат земјата да ја напушти унијата. На последната анекта пред 3 месеци соодносот меѓу тие што се за останување и напуштање на ЕУ бил 45 - 35 проценти.

Поинаква е ситуацијата во Велика Британија каде што се уште повеќе се тие што би гласале за „Брегзит“ ако повторно има референдум, (44 - 42 проценти). Најголема поддршка за членство во ЕУ според анкетата има во Данска, Шведска и Финска.

Според шефот на „ЈоуГов“ Штефан Шекспир бројките и покрај тоа што даваат позитивна слика за правецот на размислување во ЕУ сепак не значат дека Европа е на вистинската патека затоа што најголем дел од граѓаните на ЕУ сеуште се песимисти за иднината на заедницата од која што сметаат дека наскоро ќе заминат и други членки.

Индексот на кохезија кој што „ЈуГов“ го мери врз основа на низа прашања поврзани со членството во ЕУ, европскиот идентитет и подлабока интеграција покажува дека процентот на европски граѓани кои што имаат позитивен однос кон европското заедништво во 7 од членките на ЕУ е на ниво од 41 процент што значи дека мнозинството граѓани сеуште се песимисти за иднината на унијата.