Македонија
22. October 2015 - 21:24

Во Гостивар одбележан Денот на Македонската револуционерна борба

Со свечен собир и пригодна манифестација во Гостивар, вечерва, беше одбележан Денот на Македонската револуционерна борба, 23-ти Октомври. Прославата заеднички ја организираа гостиварската гимназија и општинскиот одбор на Сојузот на борци.

- Македонската револуционерна организација даде плејада истакнати дејци и идеолози за создавање на сопствена држава: Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански... Тие беа само јадрото на револуционери и водачи на македонскиот народ, истакна во својот реферат професорката по историја Светлана Јованоска.

Таа потсети на настаните врзани со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација и нејзиното значење за македонското револуционерно движење.

Одбележувањето на 23 Октомври беше збогатено со културно-уметничка програма што ја подготвија гимназијалците со своите професори. Присутните имаа можност да слушнат познати цитати од македонските револуционери во интерпретација на средношколците.