Балкан
14. April 2021 - 14:41

Во Грција денеска пристигнува првата пратка од вакцината на Џонсон и Џонсон, засега нема промени во планот

Се прилагодуваме на секоја тешкотија, тоа го знаеме и го покажавме од почетокот. Пратката ќе пристигне регуларно, камионот веќе е на пат кон Атина, вели генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус и потврдува дека нема промени во однос на првата прата од 33.600 дози од вакцината на Џонсон и Џонсон, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за грчката државна телевизија ЕРТ, Темистоклеус, кој е надлежен за процесот на имунизација во земјата вели дека останува првичниот план, имунизацијата со конкретната вакцина да започне во понеделник.

-Планот е за во понеделник, ги очекуваме во следните денови и часови соопштенијата и од Европската агенција за лекови и од ФДА во врска со вакцината, објасни Темистоклеус и додаде дека без разлика на одлуките за Џонсон и Џонсон, главниот дел на процесот на имунизација е базиран на вакцината од Фајзер и во мај се очекува во Грција да пристигнат 1,5 милиони дози.

Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција рече дека е задоволен од тоа како тече вакцинацијата во земјата, истакна дека сепак може да биде и поголем процентот на учество на граѓаните, упатувајќи апел да се имунизираат.