Бизнис
10. October 2019 - 14:58

Во ХЕС „Црн Дрим“, за девет месеци, произведени 211 милиони киловат часови струја

Во Хидроенергетскиот слив (ХЕС) „Црн Дрим“, што го сочинуваат хидролектраните „Шпиље“ кај Дебар и „Глобочица“ кај Струга, за девет месеци произведени се вкупно 211 милони киловат часови електрична енергија.

-Прозводството е помало како во однос на планираното за овој период од годината, така и споредено со истиот период минатата година. Тоа се должи на послабата хидролошка година и намалениот доток на вода во акумулациите, но агрегатите се комплетно спремни за производство, изјавија за МИА надлежните во Електрани на Северна Македонија – ЕСМ.

Додаваат дека во Хидроелектраната „Шпиље“ произведени се 126 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува 58,2 отсто од планираното за овој период од годината и 37,5 отсто во однос на истиот период минатата година.

Во втората хидроелектрана, ХЕ„Глобочица“, која е дел од сливот, произведени се 85 милиони киловат часови што е е 61,6 отсто од планираното и 40 отсто во однос на истиот период минатата година.

Надлежните додаваат дека во двете акумулации има солидна резерва на вода и тоа за првоизводство на околу 40 милиони киловат часови електрична енергија.

Навреме реализираните ремонти и ревизии на електромашинската опрема се гаранција дека двете хидроелектрани се подготвени да примат и преработат поголема количина на вода, во случај на поповолна хидролошка состојба на ова сливно подрачје, порачуваат од ЕСМ.