Свет
19. February 2021 - 12:54

Во Италија испорачана само третина од нарачаните вакцини

Заклучно со 17 февруари, испорачани се 4,7 милиони дози вакцини во Италија или една третина од вкупната нарачка за првиот квартал од оваа година, соопшти Фондацијата „Гимбе“ чии експерти ја следат и анализираат епидемиолошката состојба.

Засега се користат вакцините на Фајзер, Модерна и АстраЗенака, кои се порачани и се платени однапред, преку единствена програма за набавки за сите земји-членки на Европската унија (ЕУ).

– Масовната кампања за имунизација против Ковид-19, планирана од властите, е загрозена од намалената испорака на дози на вакцината од сите производители, рече директорот на Фондацијата, Нино Картабелота.

Тој наведе дека досега само 5,9 проценти од луѓето постари од 80 години ја примиле вакцината, кои се всушност во првата група на оние кои треба да се вакцинираат, а од таа бројка, само 2,7 проценти ја примиле и втората доза.

Тоа е далеку под програмата за имунизација што ја планира ЕУ, според која вакцинациите за стари лица треба да бидат завршени до 31 март.

Некои италијански региони, поради недостиг на нарачани вакцини, побараа одобрение за набавка на вакцини на слободниот пазар надвор од програмата на ЕУ. На пример, регионот Ломбардија побара одобрение за увоз на руската вакцина „Спутник V“, но тоа барање беше одбиено.