Македонија
10. October 2019 - 15:40

Во Кичево ќе се субвенционираат 800 семејства за замена на огревно дрво со инвертор

АД Електрани на Северна Македонија целосно ќе субвенционира вградување на инвертор клима системи за загревање на домаќинствата како супституција на огревното дрво, но не повеќе од 60.000 денари, најави денеска градоначалникот на Општина Кичево Фатмир Дехари, кој рече дека Владата, односно  Министерството за животна средина како носител на проектот наиде на одлично разбирање од страна на АД ЕСМ.

-АД ЕСМ како профитабилна компанија доби обврска од Владата дел од средствата што ги има од минатата година како капитална добивка да ги вратиме од граѓаните кај граѓаните, рече Дехари и додаде дека ќе се субенционира во делот на инверторите и замената на нееколошките традиционални системи за греење, односно дрвата кои треба да се исклучат од семејствата, а за сметка на тоа да добијат целосно субвенционирање на инвертор клими кои ќе го намалат загадувањето и ќе го подобрат амбиенталниот воздух во државата.

Мерката, како што информира Дехари, ќе почне да се спроведува како пилот проект во четири града и тоа: Битола и Кичево како градови во кои има термоелектрани, Скопје како главен град и Тетово како еден од најзагадените во земјава.

– Во Кичево од оваа мерка ќе имаат придобивка 800 семејства, а приоритет ќе имаат оние со најниски примања, рече Дехари.

Тој посочи дека ќе определат лица за контакт и дополнителни информации во самата општина, кои ќе бидат на некој начин логистика.

Овој еколошки проект има за цел во наредните три години целосно да биде елеминирано користењето на печките на тврди и фосилни горива и е уште еден факт дека Владата сериозно се занимава со овој голем проблем.