Македонија
23. March 2017 - 14:10

Во Кратово заокружен проектот „Заедно сме посилни“

Во мултимедијалниот центар во општина Кратово се одржа завршен настан од проектот „Заедно сме посилни“, кој се реализираше во соработка со УНДП, Програма за развој на Обединетите Нации, Агенција за вработување на Република Македонија и Министертвото за труд и социјална политика.

Програмата годинава се реализира под мотото „Заедно сме посилни“ со главна цел унапредување на системот за обезбедување социјални услуги на локално ниво преку надополнување на постојните и воведување нови услуги, а со тоа подобрување на квалитетот на живот на локалното население.

Изминатите шест месеци се реализирани повеќе активности, меѓу кои грижа за стари и изнемоштени лица во домашни услови, надополнување на воспитно-образовната дејност на деца од предучилишна и училишна возраст со активности од областа на музичката уметност и физичката култура, надополнување на воспитно-образовната дејност на деца со попреченост со активности од областа на музичката уметност и физичката култура, надополнување на човечкиот капитал во општината со патролен социјален работник и патролен психолог, информираат од локалната самоуправа на општина Кратово.

За реализација на активностите биле ангажирани девет невработени лица, од кои пет негуватели на стари и изнемоштени лица, соработник за физичка култура, соработник за музичка уметност, социјален работник и психолог. Ангажираните лица ги извршувале своите работни обврски со половично работно време за што добивале месечен надомест од 6.200 денари, задржувајќи го статусот на невработени лица.

Вкупниот број на опфатени крајни корисници на услугите од проектот „Заедно сме посилни“ изнесува 360, меѓу кои 50 стари и изнемоштени лица, 100 деца на предучилишна возраст, 200 деца од училишна возраст како и 10  деца со пречки во развојот.

Од општина Кратово истакнаа дека континуирано работат на унапредување на социјалните дејности и системот на социјална заштита и во иднина остануваат отворени за соработка на вакви и слични проекти од областа на социјалната сфера со цел обезбедување на поквалитетен живот за грѓаните.