Македонија
7. September 2018 - 14:37

Во Куманово показна вежба „Заедно за граѓаните“

По повод  8-ми септември, Денот на независноста на Македонија, денеска на градскиот плоштад во Куманово се одржа показна вежба „Заедно за граѓаните“ во која учествуваа претставници на СВР Куманово, Итна Помош, ТППЕ (Територијалната противпожарна единица), Црвен Крст под покровителство на општина Куманово.
 
Целта на вежбата е да се укаже на граѓаните дека треба заеднички да соработуваат со институциите. Денешната вежба беше симулација на извлекување на повредени лица во сообраќајна несреќа, а на присутните им беше појаснето како да постапат граѓаните во вакви ситуации, од кои институции да побараат помош и како да се справат со последиците.

Претседателката на Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, истакна дека целта на денешниот настан е да се разбуди свеста кај граѓаните за поголема сообраќајна култура и почитување на правилата и прописите.

Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, посочи дека нивната институција е секогаш отворена за какви било прашања и сугестии од граѓаните за да се зајакне соработката од која краен бенефит ќе имаат кумановци.

Виолета Богдановска од отсекот за превенција, од СВР Куманово, рече дека оваа активност  има за цел да го покаже координираното постапување на институциите во служба за заштита и помош на граѓаните.

Присутните, ученици и граѓани се запознаа со дел од опремата и материјално- техничките средства со кои располагаат институциите во градот. Ваков настан се одржува трета година по ред со цел, граѓаните повеќе да споделуваат информации со иснтитуциите и да се информираат за нивната дејност. Градоначалникот и Советот на општина Куманово се покровители на оваа манифестација.