Македонија
30. March 2016 - 18:39

Во Македонска Каменица ќе се реализираат 30-тина инфраструктурни проекти

Македонска Каменица се подготвува за реализација на 30-тина проекти со кои ќе се влијае врз развојот на локалната економија и ќе се придонесе кон намалување на невработеноста.
 
Градоначалникот Дарко Митевски денеска најави изградба на неколку инфраструктурни објекти во градот и околните села.
 
- Најавуваме реализација на нови проекти, дел од нив се започнати или наскоро ќе започне нивната реализација. Меѓу нив е и изградбата на неколку улици во централното градско подрачје, изградба на патишта во руралните средини, во Саса, Моштица, Косевица, Цера, Дулица, уредување на кејот на долниот дел од Каменичка Река, уредување на зелените градски површини и низа други проекти со кои сакаме да ги подобриме условите за живот, но и дадеме посебен квалитет на животот во оваа општина. Исто така, сите овие проекти силно ќе влијаат и врз развојот на локалната економија и намалувањето на невработеноста., рече Митевски.
  
Митевски заедно со стручна екипа од Општината денеска направи увид во тековните градежни работи на објекти кои се реализираат во оваа рударска општина, при што истакна дека објектите ќе бидат завршени во најавениот рок.
 
- Извршивме увид во динамиката на реализацијата на неколку од започнатите проекти во Македонска Каменица, како што е изградбата на новото детско игралиште, на тениските терени, „Куќата на спортот“, Домот за лица со посебни потреби, улицата бр.2 и Домот на култура. Добивме уверување дека сите проекти ќе бидат реализирани во договорениот рок, рече Митевски.