Македонија
21. August 2015 - 14:58

Во Општина Кисела Вода досега легализирани над 4.000 објекти

Општина Кисела Вода продолжува со процесот на легализација на дивоизградените објекти. Денеска нови 50 семејства се стекнаа со документ со кој станаа реални сопственици на својот дивоизграден објект.

Како што информираат од општина Кисела Вода, од досега поднесените 11.879 барања за легализација, бројот на легализирани бесправно изградени објекти заклучно со денешниот ден се искачи на 4.012.

Со тоа, посочуваат од општината, оваа локална самоуправа направи уште еден чекор во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа. Легализацијата претставува можност за изготвување на нови детални урбанистички планови, со што се дава шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките.

Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент, изнесува 3.147. Исто така, изготвени се уште 97 урбанистички согласности, од кои, за 74 се чека уплата на надоместокот, за постапката за изготвување на Решенијата за легализација на објектите да може да се продолжи.