Балкан
25. January 2016 - 10:57

Во Пиреја пристигнаа околу 1.500 бегалци

Три фериботи со 1.480 бегалци денеска пристигнаа во Пиреја, јави дописникот на МИА од Атина.

Со фериботите „Нисос Миконос“ и „Нисос Родос“ присотгнаа 1.127 луѓе од Хиос и Митилена, а со „Тера џет“ уште 354 бегалци од Хиос.

Еврокомесарот за миграции Димитрис Аврамопулос во интервју за телевизијата „Мега“ синоќа изјави дека не се разговара за затворање на границите на ЕУ.

- Земјите мора да ги преземат своите одговорности. Ако падне Шенген, тогаш ќе почне да се урива и целата европска конструкција, наведе Аврамопулос додавајќи дека Грција не е сама во справувањето со кризата со бегалците.

Комесарот рече дека голем број држави ја критикуваат Грција за доцнење во изградбата на приемните пунктови.

- Според обврските на Владата, ќе има заеднички персонал на пет влезни пунктови кој ќе го оценува секој случај посебно и податоците што ќе се соберат ќе се даваат на европските власти за да ги искористат во процесот на релокација. Ако се ова се направеше уште од почетокот, летоска немаше да има инциденти, рече тој и појасни дека Европа ја поддржува Грција.

- Грција се движи брзо во изминатиот период, рече Аврамопулос и потсети дека за четири недели на Самитот на ЕУ, грчката Влада ќе мора да го презентираат она што досега го има направено.