Бизнис
5. December 2019 - 13:01

Во првите десет месеци од годинава извезени стоки во вредност од 5,356 милијарди евра

Во првите десет месеци од годинава од земјава се извезени стоки во вкупна вредност од 329,42 милијарди денари или 5,356 милијарди евра што е за 10,8 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година. Вредноста, пак, на увезената стока изнесува 425,55 милијарди денари, односно 6,919 милијарди евра или за 9,8 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 96,13 милијарди денари или 1,563 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 77,4  отсто.

Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава во периодот јануари – октомври 2019 година најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.