Балкан
24. May 2020 - 11:53

Во Словенија четири дена по ред нема новозаразени со коронавирусот

Националниот институт за јавно здравје на Словенија објави дека во земјата четврти ден по ред не е регистриран ниту еден нов случај на заразен со коронавирусот.

Болнички, поради Ковид-19, се лекуваат само уште 18 лица, од кои четири со потешка форма на болеста се на одделите за интензивна нега.

Од почетокот на пандемијата во земјата вкупно беа инфицирани 1468 лица.

Словенија е првата земја во Европа која прогласи победа врз коронавирусот.

Рестораните и кафулињата во главниот град Љубљана се полни со гости, а отворени се и внатрешните делови на објектите.

Сепак, здравствените власи неколку пати потенцираа дека ваквиот добар резултат во справувањето со коронавирусот се должи исклучиво на големата дисциплина на граѓаните, навремените мерки на Владата и одговорното однесување на сите општествени чинители.