Балкан
14. August 2020 - 13:53

Во Србија на тромеѓето со Северна Македонија и Бугарија откриена златна жила со 19 тони злато

Канадската истражувачка компанија „Медголд ресурси“ навести дека во јужна Србија, на границата со Северна Македонија и Бугарија, во рамките на проектот наречен „Тламино“, открила прелиминарни резерви од околу седум милиони тони руда, со околу 680.000 унци, или близу 19,3 тони злато, во вредност од нешто повеќе од милијарда долари, јави дописникот на МИА од Белград.

Тие најавија изработка на прелиминарна физибилити студија, која треба да ги потврди овие резултати.

Со проектот „Тламино“, како што е утврдено, содржината на злато на тоа место, во просек, е околу три грама на тон. На пример, лежиштата со грам злато на тон, доколку се придружени со соодветни количини руда, се сметаат за профитабилни.

Прелиминарните студии за изводливост, како и дополнителни металуршки студии ќе ги изработуваат компании од Велика Британија, бидејќи постојат сериозни индикации дека на тоа место постои далеку поголемо количество од тој скапоцен метал.

Во истражувањето на минералното богатство наречено проект Тламино, Медголд пронашол и слој на руда од 40 метри, во кој има 8,32 грама злато на тон и скоро неверојатни 193 грама на тон сребро.

Во исто време, канадската геолошка компанија Тедијан која трага за лежишта на метална руда во Србија, Бугарија и Косово објави дека постигнала договор за купување на српската геолошка компанија ЕФПП, која поседува права за истражување на местата Кижевак и Саставци, во околината на Рашка, каде порано се наоѓале рудници за сребро и цинк, објавија „Вечерни Новости“.