Македонија
6. May 2020 - 14:41

Во Загреб самит на ЕУ

Пад на македонската економијата од -3,9 отсто за годинава предвидува Европската комисија. Доколку се споредат прогнозите за останатите кандидати за влез во Унијата, Македонија ќе има најмал економски пад. Меѓутоа, следната година, според проекцијата на Комисијата се очекува раст од 4 проценти.

Наспроти ова, Народната банка вчера прогронираше дека годинава ќе има пад од 3,5 отсто, а следната година растот да биде 4,7 проценти.

Во извештајот на Комисијата се вели дека надворешната и домашната побарувачка е на силен удар поради рестриктивните мерки. Остар пад се забележува и на буџетските приходи, а преку фискалните мерки за ублажување на последиците од кризата се очекува продлабочување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Денеска во Загреб се одржува Самитот ЕУ – Западен Балкан кадешто преку видео конференција ќе учествува и македонска делегација предводена од премиерот Спасовски.

Како што соопшти владината прес-служба, лидерите на земјите членки на Европската унија и лидерите на земјите од Западен Балкан ќе дискутираат за соработката за справување со коронавирусот, европската перспектива на регионот, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

-Во официјалната комуникација на Европската Комисија во врска со Самитот ЕУ и Западен Балкан, се истакнува дека регионот е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за Европска унија, и се нагласува дека европската перспектива на целиот регион беше потврдена повторно во март оваа година, кога земјите-членки ги одобрија предлозите на Комисијата за зајакната методологија за пристапниот процес и донесоа одлука за отворање на пристапните преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија, велат од Влада.

Во однос на можното блокирање од страна на Бугарија,  вицепремиерот за европски прашања Османи вели дека доколку таа држава сакала, досега можела да го блокира европскиот пат на Македонија.

-Фактот што Бугарија дава поддршка, но во Записникот дава една забелешка само покажува дека има едно прашање што треба да се реши, но Бугарија не планира да го блокира процесот, бидејќи да го блокира во одлуката со едно „Не“ на Самитот во март Бугарија ќе ја спречеше одлуката за преговори, рече Османи.

Самитот нема да се фокусира на проширувањето кон Западен Балкан, делумно поради корона-кризата, а делумно и поради тоа што проширувањето се третира во рамките на Советот за општи работи на ЕУ.