Македонија
22. April 2016 - 11:45

„Волшебен свет“ за крај на „Танц фест 2016“

На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес во рамките на гостувањето на „Танц фест 2016“ синоќа беше изведена претставата „Волшебен свет“ во продукција на Скопје Танцовиот Театар.
 
Велешката публика, танчерите за одличната изведба на сцена ги награди со аплауз. Воедно и малите балерини од Модното студио „Анабела“ кои им се придружија во еден дел од претставата.
 
Во претставата настапија членовите на Скопје Танцовиот Театар: Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Јакуб Мунко, Дејан Битровски, Тринга Хуса, Јована Зајкова и гостинот од Кина Занг Венхаи. Костимите беа на Благој Мицевски, асистент на претставата беше Адријана Данчевска, а супервизор Рисима Рисимкин.
 
„Волшебен свет“ се состоеше од три кратки кореографии на познатата музика „Chaconne in minor D“ од Ј. С. Бах, за кои свои верзии дадоа тројца млади кореографи. 
 
Делата „Најди некого“ на Матеа Киселичка, „Нешто пропуштаме“ на Александра Кочовска-Начева и „Контрол фрик“ на Иван Ангелковски претставуваат современа визија на авторите, кои оформуваат сопствена приказна, врз база на оваа музичка нумера на композиторот Ј. С. Бах.
 
По претставата во изјавата за МИА, сите тројца кореографи изјавија дека како кореографи се презадоволни од настапот пред велешката публика и од сцената.
 
- Сакавме да донесеме една поинаква атмосфера во Велес  и успеавме во тоа. Оваа претстава ја нарековме „Волшебен свет“ бидејќи не воведе во волшебнит свет на Бах, а  по чија музика танцуваа нашите танчери. По реакциите видовме и дека публиката уживаше во нивната изведба, на прекрасниот спој на музика и танц,а  беше постигнато и совршенство на сцената, потенцира Ангелковски.
 
Тој појасни дека на претставата напорно работеле два месеци и се презадоволни од се што постигнале, бидејќи според него танчерите се на високо професионално ниво и секогаш се спремни да го дадат најдоброто од себе.
 
Александра Кочовска-Начева кореограф, по претставата изјави дека „Танц фест 2016“, кој годинава прослави пет години постоење, е многу значаен за нивна популаризација како кореографи и на самите танчери на современ танц кој според неа станува се повеќе популарен во Македонија.
 
- „Танц фест“ е многу важен бидејќи современиот танц се презентира на сцените во Македонија и со тоа публиката се повеќе се запознава овој вид танц кој е многу популарен во светот. Нашите танчери се спремни да одговорат на секоја наша кореографска задача и  со напорна работа да дадат максимум. Тоа го гледа и публиката и ги наградува за  секој настап  со силен  аплауз. Тоа е наша поддршка  дека „Танц фест“ и понатаму да  се развива и усовршува, само со добри претстави од земјва и со гостувања на врвни танчерски ансамбли од странство, потенцира Кочовска Начева.
 
Инаку со оваа претстава воедно заврши гостувањато на „Танц фест 2016“ кој во Велес беше гостин втора година.