Македонија
18. March 2020 - 20:23

Возрасните битолчани не ги почитуваат препораките на Владата

Вака беше денеска на битолски Широк Сокак. Иако се препорачува да останат дома, имаше раздвиженост на повозрасни лица секаде низ градот. Се чекаше ред за плаќање сметки, се чекаше ред за вадење пари од банкомат. Се седеше и на клупи. Некаде пред пладне пак раздвиженост и во битолскиот пазар.

-Дома седам, внуци имам, со нив по цел ден сум, е сега до пазар мора да се оди. Не се плашам, но сепак треба да е дисциплинирано.

На сите на кои им е потребна помош, ние сме на располагање апелираат од Црвениот крст од Битола. Имаат отворени два телефона за сите ранливи категории, стари и изнемоштени лица, лица со инвалидитет, болни од канцер, како и лицата кои се во самоизолација. Три тима на волонтери постојано ротираат и се подготвени да ги снабдуваат со храна и лекови.

- Телефонските јавувања моментално не се големи, но очекуваме во наредниот период да се зголемат. Сега е вистинскотк време да останете дома, посебно повозрасните да не излегуваат, но и младите да не се собираат во големи групи, изјави д-р Лилјана Ристевска, претседател на ОО Црвен Крст Битола.

Општина Битола пак денес донесе нови мерки. Од синоќа започна дезинфекција на улиците. Редуциран е автобускиот превоз, а се апелира до граѓаните да користат само лиценциран авто такси превоз.