Македонија
28. March 2023 - 16:32

Вработените во културата на протест пред Владата за повисоки плати

Протестите на вработените во Министеството за култура се префрлија пред Владата. Тие веќе трет ден протестираат, барајки поголеми плати и рамноправен третман со останатите институции. Велат дека платите им се под просечната и се движат од 23 до 27 000 денари. Револтирани се од ингорантскиот однос на власта. Апелираат до министерот за финансии Бесими конечно да ги прими и ислуша.

Премиерот Ковачевски им порача на вработените дека имаат право на протест, но не кажа дали ке им се зголемат примањата. Тој очекува дека со законот за плати, кој се уште се подготвува, ваквите проблеми системски да бидат решени.

- Вработените во Министерството за култура имаат Колективен договор, кој според она што го имам видено е еден од подобрите за работниците ако ги погледнете нивото на бенефиции во делот на плати кои ги дава. Сепак, вработените може да разговараат со надлежните во Министерството и во однос на остварување на своите права и секогаш секој има право да побара поголема плата, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Од УПОЗ очекуваат Владата позитивно да одогвори на барањата на вработените во култура, а на премиерот му порачаа дека работниците добро знаат колку е тешка потрошувачката кошница.

Министерката за култура на утрешната владина седница би требало да го престави барањето на вработените од нејзиниот ресор платите да им бидат покачени за 30 проценти.