Македонија
14. July 2017 - 15:23

Втор ден расправа по Предлог-законот за докторска дејност во прво читање

Собраниската Комисија за здравство на денеска ја продолжи расправата по Предлог-законот за докторска дејност во прво читање, поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Јагода Шахпаска од СДСМ рече дека од 2010 година, досега, Законот за здравствена заштита бил менуван 14 пати, а само од 2012 година, досега, 12 пати. Затоа, како што рече, сметаат дека прво треба да се направи темелна сеопфатна анализа со вклучување на сите засегнати страни во носењето на овој закон, па после тоа да го доработат и предложат Законот за докторска дејност.

- Основните аргументи во предлагањето на Законот беа да се зголеми платата на докторите и да се спречи миграцијата на лекарите. ВМРО-ДПМНЕ имаше 11 години владењее, период во кој можеше да ги креира и имплементира политиките во здравството, вклучително и подобрување на платите на здравствените работници. Ова барање за толку брзо зголемување на личниот доход е невозможно, истакна Шахпаска.

Посочи дека финансиските импликации предвидени во Предлог-законот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ на годишно ниво изнесуваат колку што е буџетот на Министерството за здравство. Ова предлог законско решение, потенцира Шахпаска, е несериозно и праша дали миграцијата на лекарите се случува само оваа година.

- Не само што губиме кадар, туку државата ги губи и финансиските средства вложени во нивната едукација. Ова предлог законско решение има многу недостатоци. Амандмански може да се интервенира на некој предлог закон кој е добар сеопфатен, меѓутоа вие да вршите интервенција во скоро секој член од овие кои се предлжени во него е несериозно и неприфатливо, додаде Шахпаска.

Таа рече дека во изборната и во владината програма стои дека првата година од владеењето на новата Влада ќе се зголемат платите на докторите за 15 проценти, за до крајот на четиригодишното владеење во 2020 година платите на здравствените работници во терциерно здравство за специјалисти да изнесуваат 100.000 денари. 

Според неа, треба да има поголема грижа околу квалитетот на лековите, а најголем дел од услугите да се практицираат во јавното здравство.

- Факт е дека се купувани апарати, колку тие се искористени тоа е веќе друга приказна. Има јавни здравствени установи во кои постои апаратура, меѓутоа не е ставена во функција, а пациентите се пренасочуваат во приватни здравствени установи, додаде Шахпаска.

Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека изготвувањето на нов Закон за здравствена заштита, кое вчера на седницата на Комисијата со најави министерот за здравство Арбен Таравари, е причина веднаш да не се пристапи кон она што го ветиле СДСМ.

- Имаме многу добар Закон за докторска дејност кој може да се вклопи во Законот за здравствена заштита со една или две забелешки кои беа издржани од претседателката на Лекарската комора, што и од наша страна е прифатливо. Да не се чека да се прави нов Закон за здравствена заштита бидејќи нашите колеги доктори веќе немаат трпение, посочи Пемова.

На упатените критики од Шахпаска за тоа зошто и досега не ги зголемиле платите на докторите, Пемова рече дека работеле на Законот за докторска дејност во текот на целиот изминат мандат, имало услови за зголемување на платата на докторите, но политичката состојба била таква да не можело да дојде до реализација на тој нивен предлог. 

Расправата по предлог-законот за докторска дејност е прекината по барање на членови на Комисијата кои сакаа да присуствуваат на седницата на Собранието на Република Македонија. Продолжението на седницата на Комисијата за здравство дополнително ќе биде закажано.