Балкан
10. April 2016 - 15:50

Вучиќ: На работ сме да ги загубиме изборите и други да формираат влада

Српскиот премиер и претседател на Српската напредна партија (СНС) денеска изјави дека е на прагот да ги загуби изборите, односно други да формираат влада без листа околу СНС, но остана на ставот дека нема да прави компромиси со оние кои сакаат да ја вратат Србија во минатото.

Тој во денешната утринска програма на телевизија „Пинк“ истакна дека според последните податоци кои ги видел синоќа, се наоѓа на „апсолутен раб“ да ги загуби изборите.

- Кога велам дека постои еднаква шанса да ги загубиме изборите, исто колку и да победиме, тоа зависи од граѓаните и нивната желба да излезат на избори, како и од тоа дали ќе се определат за иднина. Тоа значи дека некои други би можеле да формираат влада, нагласи Вучиќ.

Лидерот на СНС порача дека не сака со никого да прави компромис, ниту лоша политика само за да биде на власт.

- Нема компромис со оние кои сакаат Србија да ја вратат во минатото. Дури и едно место да ни недостасува во Парламентот, нема да правам компромиси, додаде Вучиќ.

Тој истакна дека „изборите не се игра, прашање на духовити изјави, претстава за деца во која некој треба да ве насмее, туку тоа е можност да се одлучи каков живот ќе има народот во Србија“.