Македонија
27. October 2016 - 16:52

За пет часа над 400 скопјани примиле вакцина против сезонски грип

Пензионираниот генерал Ристо Дамјановски  денеска во скопскиот центар за јавно здравје прими вакцина против грип. На 80 годишна возраст, вели дека е здрав благодарение на режимот на живот како воено лице а имунизацијата му го зајакнувала имунитетот.

-Трета година по ред доаѓам за вакцина. Ефектите се одлични, јас се чуствувам добро, вели Ристо Дамјановски

Со денешниот почеток на имунизацијата, за 5 часа над 400 скопјани примиле вакцина. Редици пред ординациите, меѓу кои голем дел од граѓаните со години редовно се заштитуваат од сезонскиот грип.

-Десетта година по ред доаѓам да се вакцинирам против грип. Почнав бидејќи сопругот имаше опарација на срце и мораше да се заштитам за да не му пренесам некој вирус, вели Олга од Скопје.

Досегашните анализи на Институтот за јавно здравје покажале дека оние кои завршуваат во болница со тешки компликации од грипот, не примале вакцина. Таа е препорачана за хронично болни, лица со намален имунитет, трудници.

-Треба да ја прими секој што сака. Но таа најчесто ја препорачуваме и на постари од 65 години, на здравствени работници чиј број треба да биде зголемен во тој поглед. Ние во Центарот секоја година бесплатно добиваме вакцина против грип за сите вработени, вели Лилјана Лазаревска, од Центар за јавно здравје Скопје

Вакцината е тритипна и штити од АХ1Н1 или кај народот познат како свински грип, АХ3Н2 и тип Б.И оваа година здравствените власти набавија околу 27.000 дози од кои 5000 се наменети за скопјани.