Македонија
17. July 2020 - 12:09

За првпат направена трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор кај пациент во земјава

Стручниот тим на Универзитетската Клиника за хематологија првпат досега изврши трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор кај пациент на 68-годишна возраст, со дијагноза акутна миелобластна леукемија.

Од клиниката информираат дека пациентот Иван од Кочани е највозрасниот пациент со акутна леукемија, кој е лекуван со ваков современ тераписки пристап на клиниката. Применето е немиелоаблативно кондиционирање со хемотерапија пред интервенцијата, адаптирано на возраста на болниот и неговите коморбидитети.

- Му посакуваме успешен исход од лекувањето и упатуваме благодарност до несродниот хуман донор од Германија, кој на возраст од 21 година одлучи несебично да донира матични клетки и да спаси човечки живот. Воедно, тимот од Универзитетската клиника за хематологија и македонскиот регистер на доброволни донори со континуирана поддршка од Министерството за здравство и во овие сериозни времиња на пандемија овозможија непрекинато одвивање на овие интервенции со клеточен материјал, кој се транспортира од странски донорски регистри, посочи директорката Ирина Пановска-Ставридис.

Д-р Пановска-Ставридис потсетува дека во континуитет продолжува кампањата „Биди срцевина, биди херој“, со апел граѓаните да ја покажат својата хуманост и солидарност со зачленување во регистарот, со што ќе станат потенцијални дарители на коскена срцевина.