Македонија
12. September 2021 - 8:26

За Заев оставките по пожарот во Тетово се висок морален чин, за нив ќе решава по завршување на истрагата

 Премиерот Зоран Заев вчера во писмено обраќање до јавноста оцени дека поднесените оставки по пожарот во ковид-центарот во Тетово претставуваат висок морален и етички чин и демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи, посочувајќи дека одговорност има и ќе има, врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки. Тој најави дека проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базира исклучиво на фактите од истрагата, односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.

По пожарот во модуларната болница во Тетово во средата вечерта во кој загинаа 14 лица, а 12 други беа повредени, во петокот оставка од морални причини понуди министерот за здравство Венко Филипче, а неговиот заменик Илир Хасани и двајцата директори на тетовската Болница поднесоа оставки.

– Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија, посочува Заев во обраќањето.

Тој посочи дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност и неговата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базираа исклучиво на фактите кои ги добива од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.

– Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага. Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки. Апелирам до целиот народ, до јавноста и до претставниците на медиумите, сите да останеме фокусирани на истрагата и на фактите, да го одржиме силен националниот дух, иако сме облеани во тага, да бидеме ангажирани, но и трпеливи, да ја поминеме оваа трагедија заедно и да помогнеме за никогаш повторно да не ни се повтори, порача Заев.

Тој најави дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопшти ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата на прес-конференција на која ќе одговари на сите прашања од медиумите.

Во исто време, директорите на јавните здравствени установи во земјава испратија писмо до премиерот Заев во кое наведуваат дека не ја прифаќаат понудената оставка на министерот за здравство Филипче и посочуваат дека му даваат безрезервна поддршка да продолжи да раководи со Министерството.

– Почитуван премиер, во екот на четвртиот бран од пандемијата со корона вирусот, кога бројките на хоспитализирани и за жал починати пациенти не стивнувнаат и кога целиот здравствен систем се бори не само со короната, туку и со сите останати хронични и акутни болести, ни се случи една голема трагедија. Тетово не погоди сите нас, пред се како луѓе, лекари и како менаџери на здравствените институции во нашата држава. Секој изгубен живот е трагедија. Како за семејството, така и за нас, лекарите. Не сме имуни на болката по изгубениот живот, иако работиме во систем каде секојдневно се спасуваат и гаснат човечки животи. Болката ја носиме со себе. И Тетово е болка на сите нас. Изразуваме длабоко сочуство до семејствата и до најблиските на починатите. Нашите мисли се нив и нема зборови со кои може да ги утешиме, стои во писмото од директорите.

Пандемијата, посочуваат тие, се уште трае и во моментов 1.112 пациени со тешки симтоми на Ковид-19, од кои околу 30 на респиратор и близу 700 на кислородна маска, се лекуваат во систем кој го постави и секојдневно заедно со нив го менаџира д-р Венко Филипче. – Тој е всушност столбот на овој систем, систем кој докажа дека спасува животи. Благодарение на тој систем успеавме да ги лекуваме ковид болните, но во исто време да ги згрижиме сите останати пациенти со други болести од почетокот на пандемијата., нагласуваат директорите на јавните здравствени установи додавајќи дека „во изминативе 18 месеци слоганот „Слушај го Венко”, не беше само слоган, беше начин на живот, не само за нас, туку и за цела држава“.

– Почитуван премиер, не ја прифаќајте оставката на министерот Филипче, само сфатете ја како длабоко морален чин на човек кој демонстрира висок степен на етика, морал, ематија и алтруизам. Почитуван д-р Филипче, продолжете да не мотивирате, за да можеме да ги претвориме емоциите во иницијатива за уште подобар здравственот систем. Нема оставка за министерот Филипче!, се додава во писмото од директорите на јавните здравствени установи упатено до премиерот Заев.

Поддршка на министерот Филипче му изрази и Здружението на лекари специјалисти, кое посочувајќи ги постигнувања што ги остварија заедно со него за подобрување на положбата на лекарите, изразуваат надеж дека без оглед на околностите и одлуките кои ќе следат, тој ќе продолжи да работи со истиот интензитет во насока на подобрување на статусот на специјализантите.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ оцени дека оставката на министерот Филипче не е морална одговорност, туку е изнудена.

– Овој пат понудената оставка е изнудена под притисок на објективната јавност која со право бара одговори од оние кои се надлежни за хоророт и ужасната трагедија, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Според неа, моралната одговорност со една таква оставка не е доволна, туку е потребна и кривична одговорност „до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага која мора да биде реализирана“.

Во меѓу време претставници на тетовското Обвинителство и на Германската амбасада во Скопје вчера го посетија местото на опожарениот монтажен објект за ковид пациенти во Клиничката болница во Тетово, како претходница на експертскиот тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија, кој треба да помогне за утврдување на причините за пожарот.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека експертскиот тим од германската Криминалистичка полиција треба да пристигне во земјава во следните неколку дена.

– Во меѓувреме, тимот обвинители од тетовското и скопското обвинителство продолжува интензивно да презема дејствија за испитување на трагичниот настан. Се очекуваат резултатите од наредените вештачења и се врши распит на сите лица кои со своите сознанија би можеле да помогнат за откривање на причините за пожарот, истакнаа од ЈО.