Македонија
8. јуни 2020 - 14:05

Заев: Да бидеме единствени во дисциплината и борбата со коронавирусот

Колку долго ќе трае битката против коронавирусот зависи од секој од нас и од нашата одлука дали ќе ги почитуваме мерките за лична заштита или ќе дозволиме да се изложиме себеси на ризик, а со тоа и нашите најблиски и целата наша околина, наведува лидерот на СДСМ, Зоран Заев во видео обраќање.

– Затоа, апелирам до секого, носете маска или друга заштитна опрема со која ќе ги заштитите носот и устата. Често мијте раце и не ги допирајте очите, лицето и носот. Држете дистанца од луѓето околу вас и не се групирајте. Вршете дезинфекција во домот, а особено на вашите работни места, порачува Заев во обраќањето.

Тој натаму нагласува дека сите мораме сите да ги почитуваме овие мерки, но и да им укажеме на нашите роднини, пријатели и колеги дека и тие треба да го прават тоа.
– Ако некој во ваша близина не носи маска или ја носи неправилно укажете му да постапи правилно. Ако некој е преблизу укажете му ја потребата од физичка дистанца од 1,5 до 2 метри. Само на овој начин ќе го заштитиме сопственото, но и здравјето на нашите најблиски, потенцира Заев.

Лидерот на СДСМ додава дека мерките ќе дадат резултат само ако строго се почитуваат.
– Во периодот којшто ни следува вака ќе пазариме, вака ќе одиме на работа, ќе посетуваме кафулиња, вака ќе функционираме, вели Заев.

Тој во видео обраќањето повикува на придонес и дисциплина од секој поединец и секоја институција во борбата со невидливиот непријател.
– Ова е моментот кога треба да дадеме максимум за да се воспостави контрола врз вирусот. Сме покажале дека во вакви моменти знаеме да бидеме единствени. Знам дека можеме и овој пат и дека ќе успееме, истакнува Заев.