Македонија
23. јуни 2021 - 19:59

Заев и Рама разочарани што не започнаа преговори со ЕУ

Европа има проблем, а проблемот е во самата Европска унија. Ден по бугарското вето премиерот Заев не го крие разочарувањето, но вели откажување нема. Напорите преку разговори да се надмине спорот со Бугарија продолжуваат и за време на словенечкото претседавање. Заев повторно не откри детали што содржи македонскиот предлог кој минатата недела го однесе во Софија, а за кои вчера Бугарија побара превземените обврски да почнат да се спроведуваат во пракса.

-Минатата недела со делегацијата на Владата бев во Софија со отворено срце и подадена рака за решение и со подготвеност за исчекор во позитивна насока со Република Бугарија. Претходно, во Софија беше и премиерот Рама. Но, иако направивме заеднички позитивен исчекор, за жал и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница дека сега, сега е моментот да се најдат сили за пробив, бугарските колеги не успеаја да соберат доволно сила да одобрат почеток на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со ЕУ.  Без разлика колку бевме свесни и воздржани во очекувањата, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија сепак е големо разочарување. Тие што ме знаат добро знаат дека не се откажувам, а тие што не ме знаат нека знаат дека не се откажувам. Ќе одам во Софија повторно и повторно и повторно и ќе барам решение. И ние во таа цел ќе успееме. Северна Македонија е Европа. Албанија е Европа. Балканот е Европа, порача премиерот Зоран Заев.

Европската блокада придонесе за зближување на Македонија и Албанија чија интеграција Европската унија ја води во пакет. Остри критики за неисполнетите ветувања испрати и албанскиот премиер Еди Рама кој денеска беше дел од скопскиот економски форум. Вели дека двете земји ги испорачаа рефоромите, а сега на ред е унијата.

Министрите за надворешни работи на земјите членки вчера не успеаа да ги одобрат преговарачките рамки ниту за Македонија, ниту за Албанија поради новото бугарско вето. Нова надеж двете земји гледаат за време на претседавањето на Словенија со унијата кое стартува на 1 јули, со оглед дека шансите Бугарија да го промени ставот до утре во рамки на состанокот на Евроспкиот совет во Брисел се речиси невозможни.