Македонија
29. August 2018 - 18:14

Заев: Кампањата ќе се фокусира на постигнување цензус за референдумот

Постигнување цензус е целта на кампањата за референдумот на кој граѓаните ќе се изјаснуваат дали се за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција, вели премиерот Зоран Заев. Според него огромен број од избирачите се ЗА додека минорни биле бројките на луѓе кои се против постигнатото решение за спорот со името. Премиерот Заев вели дека се надева оти и опозицијата ќе има позитивно расположение за референдумот, бидејќи и таа била за влез на државата во Европската унија и НАТО.

„Јас ги знам и разбирам нивните несогласувања дека ако оставевме на времето, никој не гарантира дека ќе постигневме подобар договор, а тој е фер и праведен. Мојата амбиција не е да постигнам резултат каде што повеќе од граѓаните ќе бидат ЗА, тоа е веќе постигнато. Нашата амбиција ќе биде цензусот, односно излезноста на повеќе од 50% од граѓаните од вкупниот број на гласачи а тоа е 903.00 гласови“, изјави Зоран Заев, Претседател на Влада на Р. Македонија.

За претставниците на Европската унија, референдумот ќе ја креира иднината на следните генерации. Директорот на директоратот за проширување и соседска политика на почеток на кампањата „Замисли иднина заедно“ ги повика граѓаните да го оставарат демократското право на избор.

„На 30-ти септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја оформи иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум“, изјави Кристијан Даниелсон, Директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија.

Евроамбасадорот во земјава вели дека кампањата на ЕУ нема да користи за разговар по однос на договорот со Грција. Според Жбогар за тоа треба да одлучат граѓаните. Очекува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја открие позицијата за претстојниот референдум.

Инаку кампањата „Замисли иднина заедно“ ќе се одвива во следните неколку недели низ повеќе градови во државата. Целта е запознавање на граѓаните од придобивките од членството во ЕУ, потенцираат од Делегацијата на Европската комисија во Македонија.

Зоран Јаневски Сител Телевизија