Македонија
6. November 2017 - 23:24

Заев-Курц: Австрија дава континуирана поддршка за евро-интеграцијата на Македонија

Премиерот Зоран Заев, денеска во Виена оствари неформална средба со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на нова влада Себастијан Курц, на која биле потврдени одличните билатерални односи и активната политичка, економска и секторска соработка на двете земји.

Премиерот Заев, како што информираат од неговиот Кабинет, му ја честитал победата на неодамнешните парламентарни избори на министерот Курц и му посакал успех во работата како иден канцелар на Австрија. Курц се заблагодарил и возвратил со честитка за големиот успех којшто го остварила владината коалиција во Македонија за демократски спроведените локални избори.

На средбата, премиерот Заев го информирал австрискиот министер за напредокот во реализацијата на реформскиот план 3-6-9. Двајцата се согласиле дека реформите одат во вистинска насока и дека така треба да продолжат.

Во однос на заедничкиот предизвик од мигрантската криза премиерот потврдил дека „Македонија останува посветен и кредибилен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза. Токму затоа серијата мерки во делот на миграциите се на врвот на приоритети на реформскиот план“.

Средба Заев-Курц2

Заев потенцирал дека Австрија е најголем поединечен инвеститор и силен поддржувач на Македонија на патот кон интеграција во Европската унија. Тој се заблагодарил на континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

- Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година, рекол премиерот Заев, се наведува во соопштението.

На средбата е констатирано дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е спремна да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати, како и дека регионот на Западен Балкан е од стратешка важност за Австрија и останува заинтересирана да ги унапреди политичките и економски релации со сите земји на регионот.

Средба Заев-Курц3

Македонија одигра клучна одлука во справувањето со мигрантската криза во 2015 година и за Австрија е важно соработката во таа област да остане на високо и задоволително ниво. Во таа смисла Австрија е пријател и партнер кој е спремен да обезбеди помош и поддршка.

Премиерот Заев и министерот и мандатар Курц се согласиле дека набргу по формирањето на Владата во Австрија, на почетокот на идната година, Курц ќе ја посети Македонија за продолжување на успешната соработка меѓу двете држави.

Премиерот Заев денеска учествуваше на Виенскиот економски форум „Дијалог за иднината 2017“.