Македонија
6. October 2021 - 20:19

Заев: Минимална плата 300 евра и просечна плата 500 евра од 1 јануари 2022

„Ние не ги делиме општините на големи и мали, важни и неважни, ниту ги делиме луѓето на „големи и мали –  важни и неважни“, и тоа го покажавме на дело, порача во рамките на Караванот „Најдоброто за мојата општина“, претседателот на СДСМ Зоран Заев, вечерва од Свети Николе.

Заев нагласи дека за СДСМ и Коалицијата сите се важни.

„Земјоделците ни се важни, ги алоциравме субвенциите и секој пат кога е потребно дополнително интервенираме од буџетот, работниците ни се важни, ги покачивме платите и ги мотивиравме компаниите да ги зголемуваат платите, а државата ги плаќа придонесите“, порача Заев.

Тој истакна дека минималната плата е покачена од 9.000 на 15.000 денари, просечната плата изнесува 28.744 денари, сите плати за само 4 години се покачени за најмалку 100 евра, а истовремено стапката на невработеност падна на историски најниска стапка од 15,9 отсто.

„Од 1 јануари 2022 година, просечната плата ќе биде 500 евра, минималната плата 300 евра“, порача Заев.

„Работиме оние кои немаат работа – да најдат работа, работиме за да овозможиме на младите да се вработат и да земаат убави плати, работиме за да овозможиме постојан раст на пензиите, кај кои од први јануари ќе има видливо покачување, големо“, порача Заев.

Тој додаде дека посветено се работи лицата со попреченост да имаат и услови за функционирање, да бидат вградени во општеството и да заработуваат сами, исто така и за семејствата во социјален ризик – да примаат социјална помош со којашто ќе можат да функционираат, до моментот кога ќе се извлечат од сиромаштијата.

„Работиме да се отворат нови бизниси, да ги поддржиме постоечките бизниси да се развијат, работиме да донесеме нови инвестиции, да овозможиме постоечките инвестиции да се развијат“, порача Заев, додавајќи дека 605 компании, претежно на млади луѓе се поддржани со ФИТР со 85 милиони евра за развој сопствени бизниси.

Тој нагласи дека сето ова го овозможуваме како држава, но и на локално ниво, да се грижиме за сите, за „Најдоброто“.

„Наша цел е „мојата општина“ да помага на сите, градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски има идеја и има знаење како да го донесе „Најдоброто“ во Свети Николе, а тоа е Европа во вашите маала и затоа ве повикувам да му ја дадеме довербата на Сашо Велковски, за нов градоначалнички мандат во Општината Свети Николе“, повика претседателот на СДСМ Зоран Заев.