Македонија
12. November 2020 - 18:03

Заев: Никаде во светот не се преговара за идентитетот и јазикот

Бледнее оптимизмот старт на преговорите со ЕУ во декември. На пет дена до одлуката на европските министри, договор со Бугарија нема. Нема ниту детали од средбата меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв во Софија, но премиерот Заев навестува дека засега нема расположение за компромис по отворените прашања.

„Има работи за кои никаде во светот не се преговара, ниту пак кај нес ќе се преговара. Тоа бугарската страна го сфаќа. Сфаќа дека нашиот идентитет, нашиот македонски јазик се наше чувство, наше право, државите не преговараат за таа работа. Ние продолжуваме да изнаоѓаме решенија кои би биле прифатливи за двете страни. Но дефинитивно стојам и денеска како на тој 11-ти октомври дека постои сериозна можност да не добиеме прва меѓувладина конференција со ЕУ”

По првпат зборот оптимизам исчезна и од речникот на дипломатот Османи. Се уште разговараме и не можам да го предвидам исходот, вели шефот на дипломатијата.

Додаде дека прашањето е премногу комплексно и чуствително, а времето за договор прекратко.

„Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута од овој процес за, да ги аргументираме нашите погледи кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања по однос на овој процес. Моето чувство е дека решението е во враќањето на довербата дека Договорот за добрососедство е единствениот инструмент и е гаранција за надминување на сите разлики”

Во Брисел, пак, се уште не е угасена надежта дека Македонија и Бугарија можат до компромис. Во реакција по средбата на Заев и Борисов во Софија, Европската Комисија со став дека несогласувањата можат да бидат надминати, со цел “одржување на првата меѓувладина конференција што е можно побрзо”.