Македонија
12. November 2020 - 13:54

Заев: Рашковски поднесе оставка, Владата ќе има нов генерален секретар

Досегашниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски ја напушта позицијата, со оглед на тоа дека веќе пред месец и половина си поднел оставка.

Се уште не е познато, кој ќе го наследи, а оваа информација со јавноста ја сподели премиерот Зоран Заев.

„Генералниот секретар Драги Рашковски поднесе оставка пред месец и пол, тој ја извршува функцијата додека не дојде нов. Правиме консултации сè уште, лично јас како претседател на Владата кој сум овластен предлагач и ќе има нов генерален секретар. Немам донесено одлука, штом ќе ја донесеме, ќе соопштиме“, истакна Заев.

Она што стоеше како шпекулација е дека откако Рашковски ќе го напушти владиниот кабинет, на негово место ќе биде екс министерот за информатичко општество и администрација и поранешен пратеник, Дамјан Манчевски. Но, како што е познато на јавноста, тој неодамна одлучи јавно да се произнесе и да информира за тоа дека целосно се повлекува од политичката сцена, со оглед на тоа дека премина во приватниот сектор.