Македонија
26. March 2019 - 20:45

Заев уверен во победата на Пендаровски, но и подготвен за предвремени избори ако тоа не се случи

Премиерот Зоран Заев и претседател на СДСМ изрази увереност во победата на кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски на претстојните претседателски избори, бидејќи како што рече зад него стојат сите етнички заедници во земјава, но доколку тоа не се случи тој е подготвен со опозицијата да разговара за можноста за распишување на предвремени парламентарни избори.

-Јас верувам дека ќе победи Пендаровски, зад него се сите етнички заедници, здружени, а ако не победиме подготвен сум со опозцијата да разговарам за предвремени парламентарни избори, но при тоа овозможувајќи да се донесе одлуката во ЕУ, да се отворат поглавјата, да се донесе позитивна одлука за Република Северна Македонија. Ако Пендаровски не победи на изборите тоа и дава кредибилитет на опозицијата да повика на предвремени избори, рече Заев вечерва во ТВ дуелот со Мицкоски на Канал 5.

Тој го праша Мицкоски дали тој ќе си поднесе оставка од лидерската функција во партијата, доколку загуби нивниот кандидат Гордана Силјановска Давкова, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не даде конкретен одговор, а Заев напомена дека ќе си остане на зборот, но можеби партијата на Мицкоски нема да побара предвремени избори, бидејќи всушност, како што рече, и не сака тоа да се случи.

И Заев и за Мицкоски под успешни избори подразбираат демократски, кристално чист процес, а премиерот нагласи дека е потребен и исполнет цензус.

Го праша Мицкоски дали ќе поттикнат бојкот, на што тој со увереност во победата на Силјановска, нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не размислува за бојкот ако има чисти, јасни претседателски избори.