Македонија
12. February 2021 - 14:43

Заев: Знамето на НАТО кренато пред Владата пред две години симбол на државничките одлуки потврдени преку Преспанскиот договор

Знамето на НАТО кренато на денешен ден пред две години пред Владата е симбол и потврда на државничката одговорност и силниот патриотизам на сите претходно донесени одлуки врз основа на кои станаа остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Македонија, е 30-та, членка на НАТО, и целосно е посветена на своите обврски како рамноправен сојузник на Алијансата, објави денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев

-На 12 февруари 2019 година, пред Владата на Република Македонија, беше кренато знамето на НАТО, што следуваше откако на 6 февруари истата година, амбасадорите на земјите-членки на Алијансата во Северно-атлантскиот совет, го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија за членство во NATO. Знамето на НАТО кренато на тој ден е симбол и потврда на државничката одговорност и силниот патриотизам на сите претходно донесени одлуки врз основа на кои станаа остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Благодарејќи на храбрите одлуки, коишто се потврдија преку договорот од Преспа, нашите сојузници нѐ прифатија како Македонци, со нашиот македонски јазик, во духот на најсуштинските западноевропски демократски вредности, напиша Заев .

Ја реализиравме, додава тој, нашата стратешка цел на надворешната политика и ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава во време на предизвикувачки околности.
 
-Денес Македонија, како 30-та, полноправна членка на НАТО, е целосно посветена на своите обврски како рамноправен сојузник, и придонесува како достоен и доверлив партнер во операциите и мисиите на Алијансата, стои на фејсбук статусот на премиерот Заев.