Македонија
24. November 2016 - 22:16

Заев:Наредната власт ќе биде сервис на граѓаните

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев пред членови на партијата и симпатизери на коалицијата предводена од СДСМ во ценатрот за култура АСНОМ презентираше дел од предизборната програма „За живот во Македонија“ која, како што рече, е базирана на концептот за враќање на парите на граѓаните.

- Македонија ќе влезе во историјата на човештвото затоа што нејзиниот народ со пенкало, без капка крв урнал режим, рече вечерва Заев пред гостиварци, појаснувајќи зошто не застанал зад насилна смена власта и инсистирал преку преговори да се дојде до предвремени избори, кои според него се исклучително важни за иднината на земјата.

Нагласи дека кога народот има пари, тогаш тој може да ги троши за давачките, даноците, вересиите па дури и да заштеди. - Како економист, знам дека во Македонија тоа може. Нашиот план за Македонија е да го вратиме животот со враќање на парите на народот и од ДДВ-то кај граѓаните да се слеат 15 проценти или 60 милијарди денари, рече Заев.

Набројуваќи делови од програмата, Заев нагласи дека новата влада што ќе ја предводи СДСМ ќе ја укине партиципација за болничко сместување, повисока просечна плата, укинување на казнената политика за фирмите, социјална помош од 12.000 денари, укинување на радиодуфузната такса и зголемување на енергетскиот потенцијал со поставување на фотоцентрали.

Заев ги критикуваше политиките на владејачките партии во делот судството и најави реформи.

- Ќе има правда и веднаш по победата ќе има реизбор на судии и обвинители. Независни експерти ќе ги изберат најспособните и најдобрите и тие ќе делат правда, подеднакво за сите, без поделби по ниедна основа. Наредната власт ќе биде сервис и слуга на граѓаните, а не плашило и законите ќе важат за сите подеднакво, за власта и за идната опозиција, подвлече Заев.

Тој од Гостивар испрати порака до сите граѓани на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци... во која вели дека ќе стои зад секој од нив.

- Ви се колнам ќе стојам зад секој од вас без разлика на каква било различност. Аманетот од нашите претци заедно ќе го оствариме. Аманет имаме, тие заедно живееле. Во единството е силата. Гостивар вечерва испраќа историска порака, заедно ќе ја градиме оваа наша татковина. Целиот свет на модерна Европа живее со различности и се развива, рече Заев.

Носителот на листата со кандидати за пратеници во ИЕ 6, Петре Шилегов нагласи дека програмата на СДСМ предвидува поддршка на соживотот.

- Поделбите по национална, партиска основа се минато. Ќе изградиме општество во кој овој план што го нудиме е визија која по 11 декември ќе биде патот кон животот и сплотеноста. Еве што вечерва од Гостивар му порачавте на Груевски, дека сте заедно и дека ништо не ви може, рече Шилегов.

Од говорницата се обратија Благојче Трпески, кој се наоѓа на листата за пратеници и Един Јакуповиќ. Тие ја истакнаа важноста за сочувување на соживотот во мултикултурните средини.