Бизнис
3. October 2018 - 20:00

Загуба од околу 30 илјади евра дневно трпи МЖ Транспорт поради проблемите со железничкиот мост на Црна Река

Македонски железници Транспорт дневно губи до 28.000 евра поради запрениот железнички сообраќај. Причина за тоа е оштетениот мост на потегот меѓу Градско и крстосницата Кукуричани, дел од Коридорот 10.

“Нормално дека со оглед на тоа што е целосно прекинат сообраќајот, ние како МЖ Транспорт и МЖ Инфраструктура имаме намалување на приходите по тој основ бидејќи не се движи товарниот сообраќај. Од друга страна, нормално и стопанството ќе претрпи одредени загуби бидејќи ќе треба да се најдат алтернативни можности за превоз на стока”, изјави Шабан Зендели, директор на МЖ Транспорт.

Железничкиот сообраќај веќе 5 дена е во прекин, што претставува сериозен проблем и за бизнисот. Од Стопанската комора на Македонија апелираат за што поскоро решавање на проблемот.

”Секој застој на товарниот сообраќај кој оневозможува навремена испорака на стоки до крајната дестинација, од која и да било причина, претставува значителен проблем за планираното тековно работење на компаниите кои редовно имаат извозно-увозни активности и негативно се одразува на стопанството во целина. Но доколку санацијата се оддолжи, негативни последици ќе имаат пред се` компаниите од металуршкиот сектор кои поради природата на производите не можат во целост да најдат замена за железницата. Нарушувањето на динамиката на транспортот можно е да услови и плаќање пенали за задоцнета испорака, со што дополнително се зголемуваат трошоците на компаниите”, стои во соопштението од Стопоанската комора на Македонија.

Од надлежното Министерство информираат дека се работи на санација на оштетените носечки столбови од мостот.

“Според информациите што до сега ги имам, проблемот би требало да се реши за 15 до 20 дена”, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Во меѓувреме, како дел од Коридорот 10, ќе се гради заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија, инвестиција вредна 4,5 милиони евра. Парите ќе се обезбедат од европските фондови, а проектот би требало да заврши за 3 години.