Македонија
8. May 2020 - 19:45

Захариева: Што е проблем да се каже дека македонскиот јазик е кодифициран 1947-та

Се уште е отворено прашањето дали Бугарија ќе стави вето за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија. Шефицата на бугарската дипломатија вели дека не знае што ќе се случи ако мешовитата Комисија не почне со работа до јуни. Инсистирала таа да почне да работи, бидејќи, како што вели, престанала да функционира уште во ноември.

-Не сум ја видела преговарачката рамка и не можам да кажам дали Бугарија ќе стави вето на процесот на преговори. Во таквиот процес, потребна е согласност од сите земји за отворање на поглавјата, за преговарачкиот процес и за затворање на поглавја. Ова е долг процес и граѓаните на Македонија имаат најголем интерес да се прекине со реториката од времето на Титова Југославоја, а тоа го гледаме последните денови. Потпишавме договор, но само го потпишавме, никој не презема никаков чекор да го спроведе, истакна Захариева.

Захариева прашува што е проблемот да се каже дека јазикот датира од 1945 година и се базира на бугарскиот. Вели дека Бугарија не го оспорува македонскиот идентитет, потсетувајќи дека нивната држава е прва која ја призна Република Македонија по осамостојувањето.

– Во Македонија, тие можат нивниот јазик да го нарекуваат како што сакаат, но кога го потпишавме Договорот уште во 1999 година и кога станува збор за потпишување други договори и билатерални формати, треба да се почитува тоа што е запишано, нагласи бугарската министерка.

Сепак, според шефицата на бугарската дипломатија, на оваа тема не се гледа рационално ниту од историчарите, ниту од граѓаните на двете држави.

Во однос на брошурата на Бугарската академија на науките дека во Македонија се зборува „северномакедонски бугарски“ јазик, таа вели дека БАН може да објавува што сака, но за потпишување на договори меѓу двете држави одлуките ги носат владите.