Македонија
23. September 2023 - 16:39

Заврши оценската мисија на ЕУ експертите во Судскиот совет

Европските правни експерти ја завршија истрагата за расколот во Судски совет. По средбите со членови на советот, посета на Врховниот суд и разговори со невладините, тимот на Бранко Хрватин ќе прави план за реформа на Судски.

Извештајот кој ќе го подготви оценската мисија на ЕУ, според експертската јавност која ги следи случувањата во правосудството, е првиот чекор во процесот. Велат, потешкиот дел е кога препораките ќе треба да се спроведат во пракса.

Освен правосудните институции, во агендата на Оценската мисија се најде и извршната власт. На средба со вицепремиерката за добро управување, било заклучено дека без политичко единство, нема да има успешни реформи во Судскиот совет. Според Грковска, во моментов тоа е некредибилна институција. И таа подготвила документ за правницте од ЕУ со препораки за подобрување на состојбите. Предлага унапредување на мерит системот и критетриумите за избор на судии.

Хрватин, на средбата со Грковска истакнал дека неговиот тим ги собрал сите информации и наскоро ќе се изработи план за подобрување на состојбите во Судски.

„Следува процесот на подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток  и на среден рок“, изјавил на средбата Бранко Хрватин.

Во меѓувреме, од Коалицијата ,,Сите за правично судење'', сметаат дека единствен излез од кризата во кој западнал советот е колективна оставка на членовите.

Во моментов Судски работи со еден член помалку откако ниту еден врховен судија не се пријави на повторениот оглас.