Македонија
10. May 2019 - 17:16

Здравство и образование се уште немаат решение за невакцинираните деца

Иако една недела течат уписите за првачињата, министерствата за здравство и образование се уште се без конкретно решение што со невакцинираните деца. Остануваат задолжителни и образованието и заштитата од заразни болести. Министерот Арбер Адеми признава дека постои загриженост кај родители, а неофицијално има и неколку случаи во училишта кои не примале документи без потврда за вакцинален статус.

- Во наредните денови ќе има заеднички став со Министерството за здравство и ова ќе биде решение, изјави Арбер Адеми, министер за образование.

Во меѓувреме постојано расте бројот на новозаболени од морбили. Минатата недела регистрирани се 116 случаи. Половината поради компликации биле хоспитализирани. Според епидемиолозите сеуште загрижува високата бројка од 12.400  невакцинирани деца на претшколаска возраст. Најголемиот дел се во внатрешноста на земјава.

- Остануваат уште 12.400 претшколски невакцинирани деца каде е најголемиот проблем, бидејќи тие понатаму ја шират епидемијата и на повозрасните групи, изјави д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.

Од почетокот на епидемијата со мали сипаници заразени се 1400 лица, а четири деца починаа. На Инфективната клиника во тешка состојба има 4 пациенти со морбили.