Македонија
26. November 2020 - 15:38

Здружението на пензионери Куманово ќе го пролонгира доделувањето на еднократна парична помош за членовите со ниска пензија

Поради неповолната епидемиолошка состојба во градот, Здружението на кумановски пензионери ќе го пролонгира делењето на ваучери од илјада денари за членовите со ниска пензија, соопштија денеска надлежните. Ваучерите ќе бидат дистрибуирани до пензионерите со ниски примања штом се подобри состојбата.

Кумановското здружение од лани почна да дели еднократна парична помош за членовите чија пензија не надминува 11.000 денари.

– Ние донесовме одлука на извршен одбор и се подготвувавме во почетокот на декември да поделиме ваучери од 1.000 денари за пензионерите чии пензии не надминуваат 11.000 денари. Меѓутоа, во меѓувреме добивме и насоки од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија каде што тие не обврзуваат да водиме строго сметка за нашите пензионерки и пензионери во условите во кои се наоѓаме во правец на нивна заштита и таму во Законот за заштита на населението од заразни болести е конкретно кажано дека се забранува секакво јавно собирање на сите јавни површини во текот на денот и на ноќта, изјави претседателот на Здружение на пензионери „Куманово“, Благе Јакимовски.

Претходно, здружението најави дека два пати годишно ќе доделува еднократна парична помош во вредност од илјада денари, ваучер, кој членовите можат да го искористат да се снабдат со намирници во некој од маркетите во градот. Овој пат, соопшти Јакимовски требало да бидат поделени 500 ваучери во првата половина од декември. Тој потсети дека во мај 300 пензионери добија ваучери. Претходно, пак во 2019 исто така беа поделени ваучери.

– Одлучивме да го пролонгираме доделувањето на помошта. Нам не ни паѓа на ум нешто такво да направиме да го загрозиме здравјето на пензионерите или ние да сме тие кои не ги почитуваат одлуките на Комисијата за заразни болести, на Министерството за здравство и на Владата и не сакаме да бидеме ние тие коишто ќе бидеме жариште на пандемијата односно вирусот ковид 19. Ние во текот на 2019 година пред нова година доделивме 300 ваучери на 300 пензионери. На нас ориентацијата освен, она што значи спортски активности, културни активности, бањско лекување и еднократна помош при одредени болести што ги имаат пензионерите, главна преокупација во наредниот период ќе ни биде хуманитарен односно помош на пензионерите коишто се најниски пензии. Не треба да се дозволи и нема да дозволиме да наш пензионер има одредени проблеми во животот. Ние постоиме за да пензионерите имаат што подостоинствен живот, третото доба од животот да им биде посреќно и поубаво да си го живеат, изјави Јакимовски.

Тој апелираше пензионерите да излегуваат од дома само доколку тоа е неопходно, да носат маски, да држат одредено растојание за да се заштитат самите себе, своите најблиски, но и целото општество. На подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане има околу 14.000 пензионери.