Македонија
21. May 2020 - 14:13

Здружението на пензионери Куманово ќе подели вредносни ваучери за членовите со најниска пензија

 Кумановското здружение на пензионери од наредниот вторник ќе почне со поделба на вредносни ваучери за членовите кои примаат најниска пензија, соопштија денеска надлежните од здружението. За почеток, ќе бидат поделени 200 ваучери за кумановските пензионери, членови на здружението, кои имаат пензија помала од 11.000 денари.

– Идејата е дека пензионерскиот денар треба да оди кај пензионерите или пак девизата. Од вас за вас, за пензионерите. Во тој правец ние од 26 мај почнуваме со поделба на овие ваучери. Сега ќе дадеме 200, а до крајот на годината ќе дадеме уште 100 или 200, зависно колку средства можеме да пренамениме од годишната програма, бидејќи некои активности како што се спортските се откажани поради пандемијата- изјави претседателот на здружението на пензионери Куманово, Благе Јакимовски.

За да подигнат ваучер, пензионерите ќе треба да приложат фотокопија од лична карта и чек од последна пензија. Многу важно е, нагласува Јакимовски кога ќе ги подигаат ваучерите, пензионерите да ги почитуваат препораките, да носат маска, ракавици, да држат дистанца пред здружението.

-Активноста  требаше да ја спроведеме пред први мај, меѓутоа поради коронакризата и по препораките на Владата и Министерството за здравство да седиме дома, активноста ја пролонгиравме, изјави Јакимовски.

Оваа активност влегува во годишната програма на здружението врз основа на планираниот финансиски план.