Македонија
16. October 2021 - 16:32

Здружението на слепи бара слепите лица да учат во посебни паралелки

Децата со оштетен вид и слепило треба да бидат во посебни паралелки, а не да бидат вклучени во инклузивно образование, велат од Здружението на слепи од Битола.

-Не може наставникот или професорот да даде толку многу на тоа дете како што може на дете кое гледа. Не може затоа што, ако ставиме едно слепо, едно слуво и едно дете со интелектуална попреченост, на кого побрзо ќе му посветат внимание. Јас мислам дека треба да се вратат посебните паралелки, за да можат да остварат мала мала писменост како моето дете. Моето дете учеше во посебна паралелка, со помош на мајка му, со моја помош, тогаш гледав, ние го описменивме да може сам да знае да отиде сам некаде, вели Стефче Костадиновски, претседател на здружение на слепи лица Битола.

Според него, на овој начин им се отежнува на децата затоа што нема услови како што има во европските земји.

-Вистина во Европа го имаат инклузивното образование, но имаат услови. Имаат повеќе професори, кадар, ние немаме спремен кадар кој ќе влезе во борба со таа настава. На слепото дете му треба Брајево писмо, не го знаат сите.На глувото знаци, на дете со интелигентна попреченост повеќе работа, не може тоа да се оствари тоа толку лесно, изјави Костадиновски.

Во Битола има вкупно 8 деца со оштетен вид и слепило, од кои 5 се во основно образовани, а 3 се помали. Од Здружението на слепи велат дека во Битола последните години се намалува возрасната граница на слепи и слабовидни лица.