Македонија
4. November 2024 - 17:01

Жители на Батинци: Живееме како во контејнер оти Дрисла пушта канцерогена вода во Маркова Река

Живееме како во контејнер зашто Дрисла пушта отпадна вода во Маркова река, обвинија денеска жители на Батинци. Велат во реката се умрени сите риби од загадувањето. Се пожалија на страшна смрдеа, а најлошо, според нив, е тоа што загадената вода се користи за полевање на овошје и зеленчук.

„Од Маркова река е најстрашно што се полеваат бавчи, овоштарници. Јас сум убеден дека таа вода е канцерогена. Луѓето од градот Скопје јадат марула, патлиџан, пиперка од Батинци, Драчево. На пример, Батинци има најголеми плантажи на цреши. Се полева од Маркова река, а во неа оди оваа отпадна вода. И докторите потврдуваат дека е зголемена смртноста од канцер и белодробни заболувања во Батинци“ – изјави Сених Браховиќ од ВАКАТ.

Загадување на водите на Маркова река со црно-кафеава течност, забележаа минатата година инспекторите за животна средина. Дрисла доби казна од 120 илјади евра, ама тогашниот директор не сакал да ја плати, па Инспекторатот го тужи јавното претпријатие. Ланскиот предмет е се уште во судска постапка, а годинава се случува истото. Пак е забележано загадување и работата пак е во рацете на судот.

„Има надминување и надминувањето завршува со прекршок. Затоа што тие можеле да одат на спогодба и ја одбиле спогодбата која се прави во Министерството за животна средина, сега судот одлучува колкава ќе биде казната. Има казни од 120 до 200 илјади евра, колку ќе биде голема зависи од судот, не зависи од нас“ – Ивана Гиновска, директорка на државен инспекторат за животна средина

Денеска состанок одржаа министерот за животна средина, заедно со директорите на Дрисла и инспекторатот за животна средина. По средбата кажаа дека се разговарало за преземање конкретни чекори за депонијата да биде со високи стандарди.

„Во планот за јавни набавки, пред се ни е изготвување на ограда, изработка на прочистителна станица и изготвување на техничка спецификација за набавка на инселератор за уништување на медицински отпад“ – изјави Ненад Јосевски, директор на ЈП Дрисла

„Интегрираната дозвола се издава од наша страна, но таа е условена да се преземаат конткретни инвестиции за депонијата да биде во функција и да не биде штетна првично за жителите од Батинци и околината и треба да имаме предвид дека овде е пола Македонија, најголемата депонија што служи на цело Скопје и многу пошироко“ – образложи Изет Меџити, министер за животна средина.