Македонија
26. April 2016 - 16:27

Зоран Караџовски избран за нов претседател на Судскиот совет

Зоран Караџовски е избран за нов претседател на Судскиот совет. По вчерашниот неуспешен обид за негов избор, Советот утрово едногласно одлучи со 12 гласа ЗА. Караџовски е член на Судскиот совет од 2014-та, од редот на судии во битолска апелација. На местот на досегашниот претседател Бранко Ушковски, Караџовки застана со ветување дека функцијата ќе ја извршува чесно и според закон, а негов предизвик ќе бидат започнатите реформи во судството. 

-Реформирањето на судството е започнато одамна, но претстои пат на понатамошно унапредување и афирмирање на судството. Сметам дека како колективно тело ќе одговориме на предизвиците што престојат во идниот период, рече Караџовски.

Според закон, Судскиот совет е надлежен за избор и разрешување на судии, да ја следи и оценува нивната работа, да го утврдува бројот на потребните судски места по судовите, но и да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството.Мандатот на претседателот на Судскиот совет трае 3 години со право на уште еден реизбор.