Македонија
4. December 2020 - 16:51

Зошто сеуште не е отворена приватната болница „Мала Богородица“?

На половина од првите 30 дена кризна состојба приватните болници сеуште не третираат пациенти со корона на државен трошок. Ковид Центарот во поранешната “Мала Богородица” иако како што тврдат од Аџибадем Систина е целосно подготвен не ги добиле потребните документи и дозволи од надлежните институции и не можат да ги отворат вратите за болните.

За овој период единствено што успеле да направат здравствените власти е да ја дефинираат правната форма на соработка.

- По добивање на барање на приватните болници за отворање на нивните подружници Министерството за здравство ќе формира комисија која ќе излезе на терен да се утврди исполнетост по однос на простор и опрема, одговорија од министерството за здравство.

Инаку во објектот во кој партиципираат Аџибадем Систина, Клиника Жан Митрев и Ремедика има 100 кревети. Во зависност од вклученоста Фондот со овие 3 приватни болници ќе потпише договори за плаќање на услугите.

Во меѓувреме и од ресорното министерство и од ЦУК кој менаџира со кризната состојба деновиве изјавуваат дека е стабилизиран напливот на пациенти со Ковид на кои им е потребно болничко лекување. Имало слободни места во државните центри, а доколку дојде до целосна исполнетост тогаш ќе почнат да ги користат и приватните капацитети во случајот “Мала Богородица”. Токму една од целите за прогласување на кризна состојба беше да може да се користат ресурси на приватниот здравствен сектор. Засега се ангажирани само околу 200 војници и 30-тина воено медицински лица во обезбедување на болниците и лекување на пациентите.