Македонија
10. December 2025 - 12:24

10 милиони денари за проектот- „Штип безбеден град“

Заврши тендерската постапка за поставување систем за видео-надзор на 155 локации во Штип. Општината е на чекор до избор на најповолен понудувач, со што ќе може да започне реализацијата на проектот што треба значително да ја зајакне безбедноста и да ја намали штетата врз јавните површини. Системот ќе помогне во контрола и превенција на низа појави, од вандализам и уништување урбана опрема, до нарушување на јавниот ред на фреквентните сообраќајници и раскрсници.

- На 155 позиции во градот да бидат поставени видео надзори со коишто верувам дека ќе се евеидентираат сите девијантни појави, оштетувања на јавен простор, на јавна површина, оштетување на урбана опрема. Ова константно ни се случува во градот. Верувам дека овие записи ќе може да служат и на СВР-Штип за доказна постапка, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Дел од инфраструктурата ќе биде насочена кон јавни површини каде досега се регистрирани најмногу оштетувања.

- Локациите се утврдени во координација со СВР-Штип, но и за потребите на институциите под Локална самоуправа, вклучувајќи ги овде сите образовни институции, градинки, паркови, јавни површини, како и градската депонија „Трештена скала”, додаде Јорданов.

Ќе постои мониторинг центар, сместен во просториите на општинската зграда, за што ќе бидат ангажирани 6 лица со посебни квалификации. Овие лица ќе добијат посебни овластувања и сертификати. Ќе бидат задолжени сите информации да ги држат во тајност, што значи дека видео материјалот нема да биде јавно достапен и ќе се чува во системот, не повеќе од 30 дена. Целата инвестиција е вредна 10 милиони денари.