40 отсто од граѓаните задоволни од Мицкоски, СДСМ вели анкетата е лажна
Речиси 40 отсто од граѓаните се задоволни од сработеното во првите пет месеци на новата влада предводена од Мицкоски, покажува последната анкета на мкд.мк. Незадоволни од темпото на работата на Владата сепак биле 31,2 отсто. Дека државата се движи во позитивна насока сметаат и 35,6 отсто. Граѓаните генерално, над 30 проценти, ги поддржуваат политиките на Мицкоски поврзани со „унгарскиот заем“, и субвенционирањето на проектите за општините. Особено голема поддршка од 61 отсто има мерката „новогодишна кошничка“.
Премиерот Мицкоски вели анкетата е реална, но ветува и повеќе работа.
Опозицијата пак, обвинува дека анкетата била лажна и дека таа била само обид да се сокрие срамот на Владата на Мицкоски од бегството на Груби за кое бараат оставка од Тошковски.
„На Владата на Мицкоски навистина не ѝ оди добро, она што го ветуваше пред изборите не го испорача, скандали има секојдневно, институциите не функционираат, граѓаните осиромашуваат, цените растат, државата е заглавена и уназадува. Граѓаните тоа го гледаат секој ден и нарачаните анкети не може да им помогнат на Мицкоски и компанија“, велат од СДСМ.
Анкетата на мкд.мк била спроведена од агенцијата Маркет вижн од 6 до 15 декември на 1.200 испитаници. Првиот дел од истражувањето на јавното мислење покажа дека Мицкоски е политичарот со најголем рејтинг од 27,2 отсто што е неколкукратно поголема поддршка од останатите политички лидери во земјава. На второ место е Ахмети со 5,3 отсто доверба, а по него следуваат Максим Димитреивски и Филипче со рејтинг од 3.6 отсто. Кај партиите најголема доверба има ВМРО-ДПМНЕ, а потоа следуваат Вреди, ДУИ и СДСМ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар